Излегувањето на Велика Британија од Европската унија (Брегзит) на земјата и донесе поголеми трошоци, поголема бирократија и доцнење на стоката на границите, а засега ги нема ветените придобивки, соопшти денеска Комитетот на британскиот Парламент за јавна потрошувачка.
Еден ден откако премиерот Борис Џонсон именуваше државен секретар за „потенцијалите на Брегзит“, Комитетот оцени дека „единственото видливо влијание“ од напуштањето на ЕУ досега е поголем товар за компаниите.
Велика Британија го напушти огромниот единствен пазар на стоки и услуги на Европската унија на 31 декември 2020 година. Поголемиот дел од трговијата меѓу двете страни сè уште е без царина, но Брегзит донесе многу нови царински проверки и други бариери за претходно непречената трговија.
Поддржувачите на Брегзит тврдеа дека напуштањето на ЕУ, на која Британија и се приклучи во 1973 година, ќе и овозможи на земјата да ја намали бирократијата, да ја зголеми продуктивноста и да ја модернизира својата економија.
Сепак, претседателот на Комитетот за јавна потрошувачка, Мег Хилиер, пратеник од опозициската Лабуристичка партија, рече дека „единствено видливо влијание досега се зголемените трошоци и документација и доцнење на границите“.
Пред Брегзит, Велика Британија половина од својата трговија ја вршеше со земјите од ЕУ. Во извештајот на Комитетот се наведува дека пандемијата на коронавирусот силно ја погоди меѓународната трговија и дека затоа е тешко да се измери прецизниот ефект на Брегзит, но пишува дека „јасно е дека напуштањето на ЕУ имало влијание“.
Во извештајот, исто така, се вели дека граничниот метеж најверојатно ќе се зголеми бидејќи меѓународните патувања и транспорт ќе се вратат на нивоата пред пандемијата. ЕУ воведува нови проверки на луѓето што влегуваат во Унијата оваа година, додека Велика Британија воведува контрола на целокупниот увоз, вклучувајќи растителни и животински производи.
Џонсон вчера го назначи конзервативниот пратеник Џејкоб Рис-Мог на новата позиција државен секретар за „потенцијали на Брегзит и ефикасност на владата“.
Назначувањето е дел од промените направени за да се зајакне владеењето на Џонсон, ослабено со неодамнешниот скандал околу неговото учество на забави во време на рестриктивните мерки воведени поради пандемијата на коронавирус.