Надворешнотрговската размена на Македонија бележи пораст и кај извозот и кај увозот во текот на 2025 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Споредбата со 2024 година укажува на продолжување на позитивниот тренд во трговските движења.
Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – декември 2025 година изнесува 9,05 милијарди долари, што претставува зголемување од 7,4 проценти во однос на истиот период во 2024 година.
Во истиот период, вредноста на увезената стока достигнала 13,05 милијарди долари, што е за 9 проценти повеќе во споредба со претходната година.
Податоците за структурата на извозот, според Стандардната меѓународна трговска класификација, покажуваат дека најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слична опрема за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1, како и други катализатори на носачи.
Кај увозот, најзастапени се нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, освен сурови, другите метали од платинската група и нивните легури во необработена форма или во прав, платината и платинските легури, како и другите моторни возила за пренос на лица.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена во периодот јануари – декември 2025 година, најголем трговски партнери на државата биле Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие земји учествуваат со 47,8 проценти во вкупната трговска размена.
Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,9 проценти во вкупниот обем на надворешнотрговската размена на Република Северна Македонија.
