Полицијата приведе 48-годишен жител на тетовското село Долно Седларце, осомничен дека неовластено споделувал и објавувал приватни фотографии и видеозаписи со експлицитна содржина од поранешната партнерка. Случајот бил пријавен од жена од Тетово.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека З.Ѓ. е осомничен за кривично дело по член 152-а, во врска со член 24 од Кривичниот законик.

Според пријавата, фотографиите и видеозаписите биле направени во периодот кога жената и осомничениот биле во врска. Во текот на изминатите две години, З.Ѓ. наводно во повеќе наврати барал пари од поранешната партнерка, заканувајќи ѝ се дека во спротивно ќе ги објави снимките.

Во рамките на истрагата, полициски службеници од Отсекот за компјутерски криминал при СВР Тетово, со судска наредба, извршиле претрес во домот на осомничениот. При претресот биле пронајдени и одземени мобилен телефон и лаптоп-компјутер.

Од МВР соопштија дека З.Ѓ. е задржан во полициска станица. По целосното расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.