Јајцата во малопродажбата се продаваат по значително пониски цени
Од денеска, јајцата во малопродажбата се продаваат по значително пониски цени, а во голем дел од маркетите тие се вратени на нивото од пред наглото поскапување што беше забележано во ноември минатата година. Потрошувачите веќе на рафтовите можат да забележат поевтинување, при што таблите со јајца се продаваат за десетици денари пониска цена од досегашната.
Во дел од продажните ланци, табла од 30 јајца која до вчера чинела околу 370 денари, денес се нуди по цена од 279 денари, што претставува намалување од речиси 100 денари. Намалување има и кај помалите пакувања – табла од 10 јајца, која претходно се продавала за 135 денари, сега се продава за 99 денари.
Според актуелните ценовници, поевтинувањето кај поголемите табли изнесува од 60 до 80 денари, додека кај помалите пакувања намалувањето се движи меѓу 30 и 40 денари. Од добавувачите најавуваат дека дел од маркетите допрва ќе ги коригираат цените во наредните денови, поради што се очекува поевтинувањето да стане уште поизразено и пошироко присутно на пазарот.
Цените на јајцата драстично пораснаа кон средината на ноември 2025 година, кога во рок од неколку дена беше регистриран раст од 20 до 30 проценти. Тогашното поскапување предизвика незадоволство кај граѓаните, со оглед на тоа што јајцата се сметаат за основна намирница во секојдневната исхрана.
