Техничкиот премиер на Република Бугарија, Стефан Јанев, смета дека по изборите кои ќе се одржат кај нас и во Бугарија, дијалогот помеѓу двете земји може да добие друга смисла и динамика. Како што вели тој, спорот двете држави ќе го решат со дијалог и ќе најдат вистинска формула.

„Бугарија сака нормален дијалог, сака да запре јазикот на омразата, како и воспитувањето за омраза кон Бугарија. Сакаме да запре лошиот однос кон луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија. Така што овие работи ќе се решат со дијалог и ќе се најде вистинската формула, се надевам во блиска иднина затоа што во моментов и во Македонија има локални избори на средината на октомври. Така, по тој период, крајот на октомври-ноември дијалогот можеби ќе добие друга смисла и динамика“, изјави Јанев во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ).

На дополнително прашање дали се очекува промена и на бугарската позиција, тој вели дека не очекува такво нешто бидејќи ставовите на Бугарија се дефинирани и во рамки на Народното собрание.

И претходно во интервјуто тој нагласи дека Владата ќе го продолжи досегашниот курс на, како што вели, заштита на бугарскиот национален интерес. Тој, според Јанев, е поврзан и со интересите на други нации во ЕУ.

„Бугарскиот национален интерес е поврзан и со интересот на другите нации во ЕУ. Не треба да се дозволи спорот меѓу две соседни земји да се пренесе во ЕУ, од една страна. Од друга страна, ние треба да се фокусираме на дијалог и постојан контакт со властите во Република Северна Македонија, да бараме решение во име на нашата заедничка иднина, а не да се закопуваме во минатото“, рече Јанев.