Кога министер ќе повлече учебник настанува катастрофа. Бидејќи прво не образложувате зошто ги повлекувате учебниците и јас ќе потсетам дека на барање на определена група повлековте учебник по Географија, без никаква стручна и научна дискусија само затоа што елементите научни кои биле во тој учебник, кои ги претставил професор соодветен за таа област вие на политичко барање на одредена група повлековте учебник, ја потсети Весна Јаневска, претседателка на Комисија за образование и наука при ВМРО-ДПМНЕ министерката Царовска во гостување во емисија „24 Анализа“.

Јаневска ја запраша Царовска дали смета дека децата во денешно време, во 21 век не треба да имаат достапни материјали или учебници.

-Па, министерке Вие знаете дека ние не сме ни Данска, ни Шведска. Јас ова што го зборувам, само велам дека ќе им помогне на учениците, а ќе им помогне и на наставниците, истакна Јаневска.

Јаневска посочи дека катастрофа ќе се случи ако се дигитализира образованието целосно, катастрофа ќе се случи ако учениците немаат учебници.

-Министерке мене ми е многу жал што Вие не сте доволно информирани. Вашата служба потфрлила и треба сериозно да се распрашате кај нив како течат обуките и дали не е вистина она што јас го кажувам. Простете, но мислам дека лошо ве брифираат. Вие прво велевте дека дигиталните уреди ќе бидат само за на училиште, па пред две недели или сега скоро рековте дека ќе бидат само за дома. И мислам дека во еден хаос на една концепција која е само некаква замисла, идеја која требаше да прерасне во програма, во проект со детали, мислам дека некаде вашиот тим се изгубил и не ве брифира како што треба,истакна Весна Јаневска.

Јаневска апсолутно тврди дека тоа што го кажа за обуките дека не се одвиваат во најдобар ред е точно, и одговара пред тоа секако.

-Не можеме наставниците да ги пуштиме во првите борбени линии неподготвени, нагласи Јаневска.

Јаневска додаде дека течат обуки на наставниците но не се од релевантни институции, туку се одвива од обучувачи арбитрарно избрани. Тие обуки се површни. Нудат некои презентации, но не нудат ниту решенија, ниту одговори.