При промена на власта, во 2016-та година во Македонија биле родени 23.002 новороденчиња, во 2021 година 18.648 новороденчиња, додека во 2022 година 17.721 новороденче и тоа е разлика од 4354 живородени деца. Ова е катастрофална состојба која многу тешко ќе се поправи. Но, ќе мора да се поправи доколку сакаме на оваа држава да и оддадеме одржливост воопшто, вели Весна Јаневска, претседател на републичката комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во емисијата Анализа на телевизија 24.
Јаневска истакна дека претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ донела неколку мерки за подигање на наталитетот, укажувајќи дека истите тие иако биле исмејавани од страна на СДСМ сепак дале резултат.
-Јас ќе ве потсетам на некои од мерките кои што минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ ги преземан бидејќи беше свесна што се случува и што допрва ќе се случува за подигање на наталитетот во државата, и тоа беа мерки кои што беа прифатени во странство, но кај нас беа исмевани, со негодување, но тие дадоа резултат. Една од мерките беше давање на 8000 денари за трето родено дете, околу 11.000 за четврто родено дете, помош, но и стимулација. Потоа имавме мерка која велеше дека мајката со 4 деца во момент кога ќе исполни услови за пензија, доколку не ја исполнува пензијата по друг основ ќе добие пензија, па имавме кампања купи куќа купи стан. Но, за жал сето тоа се прекина за да денес имаме 5,4 проценти негатива за новородените, рече Јаневска.