Директорот на Медиумската информативна агенција – МИА, Дарко Јаневски, во интервју за „Њузмакс Балканс“ зборува за состојбата со новинарството во државата, за иднината на агенциското новинарство во ерата на социјални мрежи и инфлуенсери, како и за улогата на МИА во актуелниот медиумски простор.
Јаневски истакнува дека МИА, и покрај сите проблеми што ги има, е и мора да биде стожер, медиумски стожер во оваа држава.
Спред него, МИА како агенција има и треба да има поголемо влијание од телевизиите.
„Тоа не сите го сфаќаат, затоа што, знаете, вие како политичка фигура или каква било значајна личност во ова општество може да се појавите на интервју на ТВ во 19 часот, но ако МИА не го преземе тоа интервју – кој ве видел, кој не ве видел. МИА мора да го преземе тоа интервју, па да се дистрибуира кај другите. Таа ситуација ние мора да ја надградиме, ние внатре во Агенцијата, со помош на тој што е сопственик. Сопственик на Агенцијата е државата и тоа не е ништо невообичаено затоа што такви агенции има Хрватска – членка на ЕУ и НАТО, Словенија – членка на ЕУ и НАТО, АНСА – Италија, членка на ЕУ и НАТО, Бугарија итн., да не набројувам. Немаат некои други земји, па кога комуницираме со нив, малку тешко е да им објасниш што е тоа државна агенција. Веднаш некако те врзуваат, чекај ова е нешто како кинески систем. Нема врска тоа“, вели Јаневски.
Тој додава дека сите во оваа држава мора да сфатат дека МИА е стожерот и МИА е помоќна од која било телевизија или кој било друг медиум.
„А наша работа внатре е МИА да ја кренеме на повисоко ниво, тој столб како стожер да биде што повисок и да биде во функција на заштита на уставниот поредок на државата и на националните интереси на оваа држава, на овој народ и на овие граѓани. Тоа е клучна цел, која јас се надевам дека со колегите ќе успееме да ја оствариме“, нагласува директорот на МИА.
За состојбата со новинарството, вели дека „во Македонија новинарството е на толку низок стадиум што понизок и не може да биде“, притоа нарекувајќи го „измиено новинарство“.
„Сето тоа беше сторено во изминатите седум години. Сè почна од 2016/2017 за потребите да се донесе тогашниот премиер, кој беше насилно инсталиран, а во функција на двата договора што потоа тој ги склучи. За да помине тоа што полесно, беше потребно новинарството во Македонија да се спушти на ниско ниво. Па јас го нарекувам ‘измиено новинарство’ и сега ние го имаме тој проблем“, вели Јаневски и додава дека сепак постои опција да бидеме сериозни, квалитетни, а во исто време да ги привлечеме младите. За да се случи тоа, тој смета дека треба да излеземе од овој стадиум во кој сега се наоѓа новинарството, а тоа е тој стадиум што го нарекува „измиено новинарство“ и да се работи малку повеќе на тоа.
Во однос на инфлуенсерите, кои бараат да не плаќаат даноци, и новите законски решенија со кои треба да бидат опфатени, Јаневски вели дека не треба да има никаков компромис, без разлика дали тоа им чини или не, притоа споредувајќи ја нивната заработка со платата на доктор онколог.
„Не може лекар онколог, одиш кај него, не дај боже, од него ти зависи животот, а таа плата да биде нето седумдесет-осумдесет илјади денари, а овие да земаат којзнае колку пати повеќе и никому ништо. Не може тоа да биде така, на некојси т.н. инфлуенсер државата да му се мисли дали да му земе 0,5 отсто. Не 0,5 отсто, туку двапати, трипати, петпати повеќе треба. И тука треба да биде крај на приказната. Владата нема да изгуби рејтинг и не треба на тој начин да се размислува. Нема да изгуби рејтинг ако се земе од секаде од каде што треба, вклучувајќи ги и овие за кои зборувате“, вели Јаневски.
Извор: Курир
