Јапонија размислува да распореди 1.000 крстосувачки ракети со долг дострел за да ја зајакне својата способност за контранапад против Кина, објави денеска весникот Јомиури.
Постоечкото оружје ќе биде модифицирано за да се зголеми дострелот од 100 на 1.000 километри, пишува весникот, повикувајќи се на владини извори.
Оружјето, кое би било лансирано од бродови или авиони, ќе биде стационирано главно околу јужните острови Нансеи и би можело да стигне до крајбрежните области на Северна Кореја и Кина, пишува Јомиури.
Јапонија, која во согласност со нејзиниот повоен устав не смее да војува и својата војска може да ја користи само за самоодбрана, ги зголеми воените трошоци во последниве години и зазеде порешителна стратегија.
Регионалните тензии се зголемија овој месец по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на самоуправниот Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија.
Пекинг неодамна лансираше проектили во близина на Тајван и во ексклузивната економска зона на Јапонија.