Анкетите укажуваат на убедлива победа на премиерката Такаичи

Јапонските гласачи денес ќе го изберат новиот состав на Долниот дом на парламентот, а анкетите укажуваат дека Либерално-демократската партија (LDP) на десничарката премиерка Санае Такаичи е главен фаворит. Такаичи ја презеде функцијата пред нешто повеќе од три месеци и веќе се очекува нејзината партија да ја обнови доминацијата во Долниот дом со 465 пратеници.

LDP речиси постојано владее од 1955 година, но на изборите во 2024 и 2025 година изгуби мнозинство во двата дома на парламентот. Според анкетите, таа дури би можела да обезбеди двотретинско мнозинство со својот нов партнер, неолибералната Ишина (Јапонска иновациска партија).

Избирачките места ќе се затворат во 20 часот локално (12 часот по средноевропско време), а првите извештаи врз основа на анкетите се очекуваат наскоро потоа. Сепак, зимското време и обилните снежни врнежи можат да влијаат на одзивот на гласачите.

Шеесет ичетиргодишната Такаичи стана првата жена премиер на крајот од октомври и ужива висока поддршка во јавноста. Таа изненади со брзото распишување предвремени избори за да обезбеди мнозинство.

Главната опозициска партија, Уставната демократска партија, во соработка со долгогодишниот партнер на LDP – Комеито, формираа Центристички реформски сојуз како либерална алтернатива на Такаичи. Анкетите предвидуваат значителни загуби за опозицијата на овие избори.