Шпанските граѓани излегуваат на парламентарните избори в недела, на 29 ноември. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека социјалистичкиот премиер Санчез нема да успее да го продолжи својот осумгодишен мандат. Се очекува конзервативната Народна партија на Феихо да освои најмногу гласови и да формира влада со поддршка на партијата Вокс.

Последната телевизиска дебата на лидерите на четирите главни политички опции, одржана синоќа, фрли светлина врз поделбите меѓу двата политички блока – владејачката коалиција составена од Социјалистичката работничка партија на Шпанија и левичарскиот Широк фронт, од една страна, и Народната партија и Вокс, од друга страна.

Санчез распиша предвремени избори откако парламентот ги отфрли неговите итни реформи поради станбената криза. Ревидирана верзија на предлогот подоцна беше испратена до парламентарниот постојан комитет и вклучува ограничувања на иселувањата и зголемување на кириите.

Второто најважно прашање за гласачите, според анкетите спроведени за време на кампањата, се трошоците за живот. Платите не го следеа растот на цените, што се наведува како една од главните причини за падот на поддршката за партијата на Санчез.

Имиграцијата останува третото најважно прашање за граѓаните.

Вокс, кој според анкетите претставува трета политичка сила во земјата, се залага за давање приоритет на шпанските граѓани пред странците при распределбата на социјални станови, помош за домување и други социјални бенефиции.

Според испитувањата на јавното мислење, во Шпанија по вонредните парламентарни избори ќе се формира десничарска коалиција што ќе ја замени сегашната малцинска влада предводена од социјалистите на чело со Санчез.

Речиси сите анкети покажуваат дека евентуалната коалиција помеѓу конзервативната Народна партија и партијата Вокс би можела да освои апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот, кој брои 350 пратенички места.

Анкетите укажуваат на растечка поддршка за Вокс, особено кај помладите гласачи и кај оние што гласаат за првпат. Иако Народната партија се очекува да освои најмногу гласови, неопходна ќе ѝ биде поддршката од Вокс за составување владин кабинет.

Доколку двете партии постигнат договор, тоа ќе означи прв влез на десницата во националната влада на Шпанија по 50 години.

Интензивната двонеделна изборна кампања завршува денеска, по петнаесет дена митинзи организирани низ целата земја.

Санчез ги распиша изборите откако парламентот на 2 октомври ги отфрли владините декрети наменети за ублажување на незадоволството од зголемувањето на кириите и присилните иселувања.

На вонредните парламентарни избори сите 350 членови на долниот дом на парламентот ќе бидат избрани преку затворени партиски листи, заедно со 208 од вкупно 266 членови на Сенатот.

Преговорите за формирање на новата владејачка коалиција немаат фиксен рок, но владата мора да се состави во рок од два месеца по гласањето за да се избегне ново одење на гласачките кутии.