Воведни обраќања на јавната расправа имаа Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика и Ивона Паунович-Бишевац, Канцеларија на Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).
Министерката Шахпаска истакна дека Стратегијата за родова еднаквост 2021 – 2026 е основниот стратешки документ на Република Македонија, со кој ќе се воспостави сеопфатна рамка на активности за унапредување на родовата еднаквост и статусот на жените. Оваа јавна расправа, според неа, е значајна и заради коментарите и реакциите во пресрет на финализирање на Законот за родова еднаквост.
Потоа, таа потенцираше дека со усвојување на овој документ, како широка стратешка рамка која ги обединува сите области на делување за постигнување на родова еднаквост, Република Македонија јасно се насочува кон интегрирање на родовата перспектива во политиките и стратегиите, сузбивање на стереотипите и насилството кон жените, унапредување на положбата на жените во сите сфери на јавниот и приватниот живот, во образованието, здравството, земјоделието, пристапот до правда, социјалната сигурност, животната средина и климатските промени, спортот, културата, медиумите, како и следење на состојбата со родовата еднаквост преку релевантни податоци и индикатори.
Ивона Паунович-Бишевац истакна дека UN Women во континуитет дава поддршка за унапредување на политиките за родова еднаквост, а особено во подготовката на стратешките документи, започнувајќи уште со првата Стратегија за родова еднаквост 2013 – 2020 и соодветните Национални акциски планови, па потоа и нејзината сеопфатна евалуација која претставува основа и база на податоци и препораки за подготовка на новата Стратегија.
Благодарение на ваквата евалуација, новиот стратешки документ дава понапредна рамка која се базира на научените лекции од имплементацијата на изминатата Стратегија, а воедно и се надоврзува на долгорочните цели за унапредување на родовата еднаквост.
Светлана Цветковска од Секторот за еднакви можности на Министерството за труд и социјална политика потенцираше дека Стратегијата за родова еднаквост 2021 – 2026 е четвртиот стратешки документ во оваа област и претствува основен стратешки документ на Република Македонија, врз основа на Законот за еднакви можности на жените и мажите. Таа објасни дека структурата на Стратегијата ја следи меѓународната и домашната правна рамка, дава краток осврт на состојбата со родовата еднаквост и идентификувани се приоритети по области.
Претседателката на Комисијата, Сиљановска-Давкова, препорача дека според методологијата на работа на Предлог-планот за родово сензитивно Собрание подготвен со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, неопходно е слично да се постапи при изработка на акцискиот план за спроведување на Стратегијата.
Според неа, добро е истата да содржи многу податоци, многу информации, целата нормативна рамка, но ако нема причинско последична врска, тогаш многу малку може да се постигне. Таа дообјасни дека не може на основа на индикаторите да се детектира изворот на проблемите, а за да го имате изворот на проблемите и истиот да го надминете, треба да имате реална слика на состојбите.
Во своето излагање Сиљановска-Давкова потенцираше дека Стратегијата предвидува ново тело, Секретаријат за родова еднаквост, но според неа тоа не е соодветно решение, туку треба пратеничките да бидат поамбициозни и за неа најприфатливо најниско ниво што може да биде е министерка без портфолио за родова еднаквост со кабинет и додаде дека на толкав број министерства, меѓу кои има и непотребни, едно вакво министерство за родова еднаквост би било добро решение.
Во дискусијата учествуваа и ги споделија своите забелешки пратеничките Маја Морачанин и Благица Ласовска, пратеникот Ненад Коциќ, како и претставниците од граѓанските организации и тоа: Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери, Неда Чаловска-Димовска од We Effect, Валентина Дисоска од Здружението на бизнис жени, Марија Савовска од Акција Здруженска, Билјана П. Митревска од Националната федерација на фармери, Тања Иванова од Реактор и адвокатката Билјана Андонова.