Процесот за нормализирање на водоснабдувањето во Гостивар е при крај, а премиерот Христијан Мицкоски очекува граѓаните многу скоро да добијат вода безбедна за пиење и готвење. Во моментов се врши хиперхлорирање од експерти на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, додека секојдневно се земаат мостри и се прават анализи.
– Веќе можам да кажам дека одиме кон ситуација кога можеби за првпат во последните децении во Гостивар граѓаните ќе можат да користат вода за пиење која ќе биде бактериолошки исправна. Но, замолувам за трпение, затоа што имаме сериозен пристап и сериозно го вршиме овој процес – рече Мицкоски.
Тој изјави дека техничка вода веќе им е достапна на граѓаните, а очекува наскоро да биде одобрена и за пиење. Одговарајќи на обвинувањата од опозицијата, Мицкоски рече дека државата реагирала веднаш и обезбедила вода за населението со помош на компании и граѓани што се вклучиле со донации.
– Во овој случај, ние како држава што направивме? Обезбедивме за Гостиварци чиста вода за пиење. Им благодарам на сите општествено одговорни компании и лица што се приклучија и донираа – рече Мицкоски.
Според него, загадувањето било последица на несовесно постапување на вработени во ЈП „Водовод“ – Гостивар, кои со цевки и пумпи префрлиле речна вода во главниот резервоар. Тој додаде дека Обвинителството веќе постапува, дека има обезбедени и сослушани лица и дека очекува истрагата да се прошири.
– Имавме несовесно работење на вработени од јавното претпријатие „Водовод“, кои директно со цевки и пумпи вода од река префрлиле во главниот резервоар. За тоа обвинителството постапува и веќе имаме лица кои се обезбедени, сослушани и очекувам истрагата да се проширува – изјави Мицкоски.
Премиерот повтори дека постоеле документи и претходни испитувања што покажувале дека водата во Гостивар не била употреблива, но дека со години не биле преземени мерки за подобрување на нејзиниот квалитет.
