Според државниот обвинител Љубомир Јовески нема причини за сомнеж околу изборот на синот на претседателот на Собранието Талат Џафери и сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази за обвинители. Одговарајќи на новинарско прашање, Јовески денеска истакна дека тие учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители и покажале соодветни резултати.

Лицата кои ги спомнувате учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители на кој има многу строги критериуми, покажале соодветни резултати и биле примени во Академија, со успех ја завршиле и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе. Вчера беше нивната промоција во салата на Врховниот суд. На овие млади луѓе им ја предочив одговорноста со која се соочуваат и носењето на судскиот и обвинителскиот товар, изјави Јовески.

Потенцира дека на овие луѓе треба да им се даде шанса поради нивнто соодветно образование и сите законски услови што ги исполнуваат за да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители.

Тие се уште не се избрани. Советот на јавни обвинители имаше распишан оглас, јас немам податок кој се има јавено на овој оглас, вчера разбрав дека Судскиот совет распишал оглас за пополнување на празни места во судовите во државата, рече Јовески.