Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, доцна попладнево упати апел до политичките партии да не брзаат со прогласување победа, пред Централната изборна комисија (ЦИК) да ги соопшти официјаланите резултати од вчерашните парламентарни избори.
– Она што е важно е да се има рационален и транспарентен процес во решавањето на ова прашање. Да подвлечам дека очите на целиот свет се вперени кон Албанија. Добра работа е што гледаме дека пребројувачите работат напорно. Гласачите ја завршија својата работа. Властите си ја вршат својата работа. Вашите северни пријатели, вашите западни пријатели, но исто така и вашите пријатели во САД сите бараат да ве направат успешни, рече Ким.
Додаде дека должност на кандидатите е да останат смирени и трпеливи и да го чекаат резултатот.
-Знам дека во моментниот ентузијазам, некои прогласија победа, но се уште не сме стигнале таму се додека не излезе официјалниот резултат. Да останеме смириме, порача амбасадорката.
Претходно идентична порака упати и шефот на делегацијата на ЕУ во Албанија, Луиџи Сореца, повикувајќи ги политичките партии да не избрзуваат и резултатите да ги чекаат смирено.
-Додека не се изброи последниот глас, не треба да доаѓаме до заклучоци.Затоа треба да останеме смирени, рече тој, во апелот кој јасно има за цел да избегне тензии во овие моменти кога се очекуваат резултати од преостанатите избирачки места.