Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави во понеделникот дека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ќе мора да ги разгледа „фундаменталните и многу долгорочните прашања“ по катастрофалните резултати на локалните избори. На изборите во Мекленбург-Западна Померанија, партијата на Мерц не успеа да влезе во покраинскиот парламент, освојувајќи само 4,9% од гласовите, што е првпат во 81-годишната историја на ЦДУ.

Алтернатива за Германија (АФД) победи на изборите со околу 38% од гласовите, додека Социјалдемократите (СПД) завршија втори со 35%. Овие лоши резултати, заедно со неуспехот во Саксонија-Анхалт, предизвикаа шпекулации за политичката судбина на Мерц. Според анкетата на институтот Forsa, само 10% од Германците позитивно го оценуваат неговото работење, а речиси половина очекуваат негово повлекување во текот на годината.

„Да бидам сосема искрен, повеќе немаме задоволителни одговори на премногу прашања. И тоа е нешто што ќе го промениме – и мораме -“, изјави Мерц, опишувајќи ги резултатите како „голема пресвртница“. И покрај притисоците, тој одби да поднесе оставка, нагласувајќи дека „никој“ во раководството на ЦРУ не покренал кадровски прашања по изборите.

Мерц истакна дека социјалдемократите ја потврдиле својата посветеност на коалицијата, и покрај тешкиот пораз на ЦДУ. Следните парламентарни избори во Германија мора да се одржат најдоцна до февруари 2029 година. На прес-конференцијата во Берлин, тој се осврна на модерната германска историја, нагласувајќи дека Германија го напуштила национализмот со Конрад Аденауер, и изрази уверување дека партијата ќе остане „цврсто вкотвена во европската политика во иднина“.

„Тоа ќе биде историска мисија, особено за владејачката коалиција во Берлин, но пред сè за партијата што ја водам – да се осигураме дека ќе останеме земја цврсто вкотвена во европската политика во иднина“, заклучи Мерц, оставајќи отворено прашањето за неговата политичка иднина.