Полска во последните три децении помина пат од држава во која со часови се чекаше во ред за основни прехранбени производи до една од најбрзорастечките економии во светот, а денес се соочува со нов предизвик – веќе не е евтина работна сила на Европа.

Како што пишува британски „Гардијан“ во опширната репортажа од Варшава, ако се изземат земјите извознички на нафта и финансиските центри, приходите на жителите на Полска најбрзо во светот се приближиле до нивото на западните земји. Во средината на 1990-тите изнесувале 40 проценти од просекот на Европската Унија, а минатата година достигнале 81 процент.

Националниот доход на Полска минатата година надминал илјада милијарди (еден билион) долари, со што земјата се најде меѓу 20-те најголеми економии во светот. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажуваат дека доходот по жител во Полска наскоро ќе ги надмине Јапонија и Шпанија.

„Пред четири децении бевме, извинете за мојот англиски, во длабоки, длабоки г***а“, изјави за „Гардијан“ заменик-министерот за надворешни работи на Полска, Марцин Босацки.

Тој се сеќава дека во 1980-тите, по завршувањето на училиштето, чекал и до пет часа во ред за путер и месо, во периодот кога социјалистичката власт вовела вонредна состојба.

Промените започнале со движењето „Солидарност“, кое го покренале работниците во бродоградилиштето во Гдањск, како и со посетата на папата Јован Павле Втори, кој потекнува од Полска, на својата татковина во 1979 година. Полска во 1990 година ја прифатила демократијата, а членството во НАТО во 1999 година и во Европската Унија во 2004 година дополнително го забрзале економскиот раст.

Полјаците се враќаат дома

Со години Полјаците масовно заминувале на работа во странство, а изразот „полски водоинсталатер“ во Велика Британија станал синоним за странска работна сила за време на дебатите за Брегзит. Денес ситуацијата е обратна: секоја година од 2021 година наваму, од Велика Британија заминуваат двојно повеќе Полјаци отколку што доаѓаат. Германија во 2024 година за првпат забележала дека повеќе странски државјани се преселиле од Германија во Полска отколку во обратна насока.

Меѓу повратниците се и архитектите Једжеј Колесински и Кшиштоф Горњицки, кои во лондонското седиште на компанијата „Фостер + Партнерс“ раководеле со тимот што го проектирал облакодерот „Варсо“, со кула висока 310 метри, највисоката зграда во Европската Унија. Сега од Варшава работат на проектот за новиот аеродром во полската престолнина, кој „Гардијан“ го опишува како најголемиот инфраструктурен проект „на зелена површина“ во Европа.

Крај на евтината работна сила

Со години евтините, но образовани работници ги привлекувале компаниите како „Фолксваген“, „Кедбери“ и банката „Џеј Пи Морган“. Просечниот трошок за еден работен час во Полска (плата, даноци и други трошоци) изнесува 19,10 евра, што и понатаму е двојно помалку отколку во Германија и Франција, но разликата се намалува.

Просечната месечна плата од 2004 година номинално се зголемила повеќе од трипати и минатата година достигнала 8.904 злоти (околу 2.038 евра). Нето-платата во Варшава од 2016 година пораснала за 120 проценти, според податоците на „Дојче банк“, и сега е повисока отколку во Рим и Лисабон. Вечера за двајца во полската престолнина денес чини повеќе отколку во Токио, а цената на капучиното е двојно зголемена.

„Следната фаза помалку ќе зависи од достигнувањето на другите, а повеќе од продуктивноста. Повеќе немаме никаква предност кога станува збор за цената на трудот. Мораме да се фокусираме на продуктивноста, технологијата, поевтината енергија и подобрата регулатива“, изјави Рафал Бжоска, милијардер и основач на компанијата „ИнПост“, која управува со мрежа на автоматизирани пакетомат-уреди низ Европа.

Економскиот раст има и своја цена. Приливот на странски капитал ги зголемил трошоците за живот и ги истиснал посиромашните жители од Варшава, а нееднаквоста во приходите е меѓу највисоките во Европа.

Технолошки амбиции

Полска сака да стане регионален технолошки центар, а за таа цел е формиран фонд од една милијарда долари од јавен и приватен капитал, наменет за поддршка на стартап-компаниите и компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција (АИ).

Меѓу најпознатите полски успеси е „ElevenLabs“, компанија проценета на 11 милијарди долари, која развива технологија за генерирање говор со помош на вештачка интелигенција. Името го добила според 11 ноември, Денот на независноста на Полска.

За тоа постојат добри основи. На тестирањето ПИСА, кое го спроведува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) меѓу учениците ширум светот, Полска е меѓу најдобрите европски земји по математика, рамо до рамо со Велика Британија, а уделот на возрасните со високо образование е поголем отколку во Германија.

Пример за полскиот успех е и „CD Projekt Red“, студиото зад популарните видеоигри „The Witcher“ и „Cyberpunk 2077“, кое во 1990-тите започнало како увозник на американски игри на ЦД-дискови.

„Кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите постоеше огромен комплекс на помала вредност. Сите млади сакаа да го стигнат Западот“, изјави коизвршниот директор на компанијата, Михал Новаковски.

Денес, како што рече, младите Полјаци повеќе го немаат тој комплекс.

„Ние сме земја со вистинска големина. Ниту премала, ниту преголема, без комплекс на помала вредност. Ништо не нè кочи“, заклучи Новаковски.