Повторното кандидирање на лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски за градоначалник на општина Карпош предизвика голем интерес во јавноста, но не (само) поради околностите под кои се случи (кандидатурата не беше поддржана од коалицијата на чело со ВМРО ДПМНЕ, а коалициониот партнер кандидира свој кандидат), туку поради неговата голема популарност меѓу жителите на оваа скопска општина, која според повеќето анкети го исфрла како најсериозен кандидат за оваа функција.

Како Стевчо Јакимовски повторно е фаворит во мојата општина Карпош?

Јакимовски важи за политичар без влакна на јазикот, секогаш атрактивен за публиката пред малите екрани, бескомпромисен фајтер во политичкиот ринг, елоквентен, креативен, на моменти арогантен, но вреден и работлив. Сето ова го прави еден од најинтересните политичари во државата, па затоа е невозможно да останете рамнодушен при неговото појавување. Токму затоа тој е најмалку посакуван противник на политичките дебати, а уште помалку како противник на било кои избори. Така е и овој пат.

По најавата дека повторно ќе се кандидира, неговите политички непријатели веднаш се нафрлија на социјалните мрежи со тези дека Стевчо нема што да бара на овие избори по поразот од 2017 година, но реално, екс градоначалникот овој пат е во многу поповолна позиција од локалните пред четири години и има многу повеќе право да се надева на победа и покрај тоа што зад себе ќе ги нема коалиционите партнери (барем во првиот круг). Причината за неговата предност лежи во фактот што жителите на Карпош во 2021 година се за четири години поискусни од 2017 година, а поискусни се и за владеењето на СДСМ со општината пред и по Стевчо Јакимовски.

Па така, на овие избори карпошани ќе можат да направат компарација: како владеел Стевчо, а како овие четири години Стефан Богоев и СДСМ; што направил Стевчо, а што (не) направија Стефан и СДСМ; што ветил и исполнил Стевчо, а што ветуваа Стефан и Душко кој тогаш беше носител на листа, а сега кандидат за градоначалник… Или ако сакате, што направил Стевчо, а што сите градоначалници на СДСМ пред и по него. Соодносот од ваквата споредба се разбира е „многу на малку“ во корист на Стевчо, а бројките се особено катастрофални за актуелната власт.

Токму поради овие причини повеќе од 60 проценти од карпошани се изјасниле како незадоволни од владеењето на СДСМ и Стефан Богоев со општината. Воедно, последните мерења на расположението на жителите на оваа скопска општина покажуваат дека мнозинството граѓани повторно би му ја дале довербата на Стевчо Јакимовски за прв човек на општината. Со ваквите резултати од анкетите направени непосредно пред почетокот на кампањата, Јакимовски влегува во предизборната трка од фаворитската позиција и покрај тоа што овој пат оди сам со неговата ГРОМ, без коалиционите партнери и ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето прво медиумско појавување по објавувањето на кандидатурата, Јакимовски најави дека влегува во кампања со „резултатите од неговото претходно управување, со четири меѓународни признанија за управување со општината и со нова визија за Карпош“. Од погоре наведеното јасно е зошто Јакимовски гордо влегува во трката со резултатите од неговото претходно владеење. Успешното менаџирање со општината беше препознаено и во меѓународни рамки, па затоа не случајно Јакимовски ги спомнува и четирите меѓународни награди (признанија со кои ретко кој градоначалник во Македонија може да се пофали). Впрочем ни најголемите критичари не можат да му ги побијат резултатите и да му ги одземат заслугите за направеното, па затоа не случајно се вбројува меѓу најдобрите градоначалници во државата.

Во „новата визија за Карпош“ на Јакимовски, покрај најавите на дел од проектите од неговата програма, ексградоначалникот вети нов пристап кон решавање градежната експанзија- неговата ахилова пета, односно една од најголемите забелешки на жителите на општината за неговото менаџирање. Интересно е тоа што, Јакимовски како ретко кој на нашата политичка сцена, имаше доблест да се извини за своите грешки во минатото и вети дека по однос на ова прашање во иднина ќе го почитува мислењето на граѓаните. Извинувањето покажува дека Јакимовски учи од своите грешки, но и дека довербата од граѓаните му е особено важна.

Јакимовски треба да е свесен дека неговиот главен адут се резултатите од претходните години, но и дека противкандидатите немоќни да парираат на ова поле, многу веројатно ќе нападнат валкано и со црна кампања. Колку ќе биде силен тој напад и како лидерот на ГРОМ ќе се справи со сето тоа, можеби ќе биде одлучувачки за неговата победа.

Повторното кандидирање на лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски за градоначалник на општина Карпош предизвика голем интерес…

Posted by Ненад Мирчевски on Monday, September 20, 2021