Судскиот совет ќе врши увид во предметот за Менсур Пајазити – Камбовски најави реакција ако се утврдат пропусти
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска изјави дека Советот побарал увид во предметот поврзан со Менсур Пајазити, возачот кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово, а за што доби двегодишна затворска казна.
„Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме“, рече Камбовски.
Дополнителни реакции предизвика тоа што судијата Ељведин Ферати ѝ е познат на јавноста.
Пресудата предизвика бурни реакции во јавноста, а премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати, кој ја изрече пресудата.
Трагичниот настан се случи во август 2022 година, кога Теодора Ристовска беше смртно прегазена. На првото судење во ноември 2023, по признавање вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години, а Врховниот суд ги укина и двете претходни пресуди и го врати предметот на повторно судење, на кое повторно беше изречена казна од две години затвор.
Името на судијата Ељведин Ферати претходно се споменуваше во јавноста во контекст на предистрага поради сомнежи за менување на оценки на Тетовскиот универзитет. Државниот просветен инспекторат утврди дека три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување, но предметот бил затворен откако било доставено објаснување дека Ферати ги преполагал предметите, па затоа промените биле евидентирани.
Случајот продолжува да го привлекува вниманието на јавноста, а вниманието на Судскиот совет и понатамошната постапка ќе бидат клучни за враќање на довербата во правосудниот систем.