Претседателот на Работната група за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, академик Владо Камбовски смета дека во телото треба да членуваат навистина истакнати и искусни правници со интегритет кои не би го извалкале својот углед, пренесува Телма.

Судскиот совет се подготвува за избори во четврток, невладините ги бојкотираат. Бараат прекин на изборите и оставки од членовите, Европската Унија е загрижена и ќе испраќа експерти во оценска мисија на Судски совет. Експертите го гледаат излезот во законски измени.

„Нерешените прашања поврзани со судскиот совет кулминираа со нешто што за нас е непријатно, а тоа е испраќање на специјална оценска мисија“, вели претседателот на Работната група за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, академик Владо Камбовски.

„Потребно е, без одлагање, отворање на законот на Судски совет, бидејќи тоа е едно ретко тело кое никому не одговара. Оние кои ги бираат членовите на Судски, треба да имаат инструменти и да ги разрешат“, смета Камбовски.

Строги и прецизни критериуми за истакнати правници во судскиот совет. Камбовски како пример ги наведува универзитетските професори со најмногу 30 години стаж од трите најдобро реномирани правни факултети или други искусни правници со долгодишен стаж. Изборот на луѓе со интегритет и искуство, според Камбовски, ќе значи и брана за влез на политиката во судството.

Во четврток судиите бираат двајца нови членови на Судски по оставките на двајцата колеги. Од Блупринт групата ги повикаа да ги бојкотираат изборите. На две листи има тројца кандидати. На изборниот лист од Врховен ќе стои само името на судијата Наке Георгиев, за кого советот ја запре постапката ден откако објави дека се кандидирал.