Шест лица го загубија животот, а најмалку 34 се повредени во тешка сообраќајна несреќа во италијанскиот регион Умбрија. Во несреќата учествувале кампер и туристички автобус, а по нивниот директен судир во автобусот удриле уште три автомобили.

Трагичниот настан се случил во неделата вечерта на државниот пат „SS79“, на делницата меѓу градовите Терни и Риети. Според досегашните информации, камперот од засега непознати причини преминал во спротивната сообраќајна лента и директно се судрил со автобусот.

По силниот удар, во туристичкиот автобус се забиле уште три автомобили, чии возачи не успеале навреме да закочат.

Од силината на судирот камперот бил целосно уништен. Фотографиите од местото на несреќата покажуваат тешко оштетен автобус, искршени предни стакла, откинати влезни врати, како и делови од возилата расфрлани по патот.

На местото веднаш пристигнале голем број екипи на итната медицинска помош. Повеќе лица со тешки повреди биле транспортирани со хеликоптери до блиските болници.

Според информациите, шест лица се во критична состојба, додека уште две лица се здобиле со тешки повреди. Меѓу повредените, според италијанскиот јавен сервис РАИ, има и едно дете.

Загинале двајца возачи и четворица патници

Италијанските медиуми објавија дека шест лица починале на местото на несреќата. Меѓу загинатите се двајцата возачи и четворица патници.

Двајца од патниците биле во камперот, а другите двајца во туристичкиот автобус. Идентитетите на жртвите засега не се објавени.

Патниците во автобусот патувале кон познатите водопади Марморе, вештачки водопади изградени уште во времето на старите Римјани. Од друга страна, патниците во камперот се враќале од Терни.

Претседателката на регионот Умбрија, Стефанија Прожети, изјави дека спасувачките екипи по пристигнувањето се соочиле со „незамислива глетка која долго ќе ги прогонува“.

„Тоа беше голема и катастрофална вонредна состојба. Веднаш ги активиравме сите соодветни протоколи, уште пред екипите на итната помош да пристигнат на местото“, изјави Прожети.

Таа им оддаде признание на спасувачите кои интервенирале во исклучително тешки услови, како и на повредените и нивните семејства.

„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите“, порача претседателката на регионот.

Полицијата истражува што ја предизвикало несреќата

Италијанската полиција отвори истрага за да ги утврди причините и околностите под кои дошло до несреќата. Државниот пат бил затворен за сообраќај додека траела спасувачката операција и отстранувањето на уништените возила.

Несреќата се случила за време на првиот викенд од летните одмори во Италија. Локалните медиуми го нарекоа „црн викенд“ поради големиот број сообраќајни несреќи регистрирани низ земјата.

Според податоците на опсерваторијата „Sapidata-Asaps“, од петокот до неделата во сообраќајни несреќи низ Италија загинале најмалку 31 лице.

Меѓу жртвите има и 14-годишно девојче, како и двајца 17-годишни млади мажи.