Кога ќе се разгледа буџетот, а особено при стручна дебата, најважно е истиот да се поедностави со цел граѓаните прецизно да разберат што ќе добијат во наредната година. Тоа е буџет што решава многу проблеми и нуди значајни придобивки за македонските граѓани, но пред сè претставува рамка за финансиска стабилност.

„Зошто за финансиска стабилност? Дефицитот којшто е проектиран да биде помал од тој којшто е оваа година, што оди во насока на стабилизирање на оние трошења коишто ги има македонската држава коишто пак се последица на долговите коишто треба да се вратат назад“, рече Стојаноски.

Следната година носи интензивен инвестициски циклус со планирана изградба на шест автопати истовремено, продолжување на железничката пруга кон Бугарија со третата фаза од Коридорот 8, како и можен почеток на новата пруга на Коридорот 10. За капитални инвестиции од централниот буџет се предвидени 663 милиони евра, кои ќе бидат надополнети со уште 18 милијарди денари преку Јавното претпријатие за државни патишта.

„2027 година ќе биде годината во којашто ќе имаме историски највисок додаток по основ на враќање на стари долгови. Кога ќе ги соберете сите долгови коишто сите ние треба да ги вратиме, а коишто се земени од претходната влада, доаѓаме до околу 2 милијарди евра, кога ќе ја додадеме еврообврзницата земена во 2023 година, половина милијарда, наредната година ние треба да вратиме обврски од 2,43 милијарди евра. Ако целиот буџет ви е 7,2 милијарди а вие треба да вратите 2,43 милијарди евра, тогаш можете да претпоставите колку простор заземаат старите долгови. Само по основ на камати, ова го кажувам за македонските граѓани да знаат, треба сите ние заедно да вратиме 405 милиони евра односно 62 милиони евра повеќе отколку претходната година“, рече Стојаноски.

За наредната година се предвидени повисоки плати, повисоки пензии, повеќе средства за оперативниот план за вработување, како и зголемени финансии за образованието, здравството и изградбата на детски градинки.

„Догодина ќе се градат шест автопати одеднаш, ќе започне со градба третата фаза за пругата кон Бугарија, можеби ќе почне и новата пруга Коридор 10. Наредната година ние ќе бидеме држава во којашто ќе се трошат 663 милиони евра капитални инвестиции од централниот буџет и плус 18 милијарди денари од ЈПДП, така што очекувам дека покрај овие издатоци коишто ги имаме наредната година ќе биде година којашто сите ќе ја почуствуваат на подобро, секако и стопанството и граѓаните“, истакна Стојаноски.