Вечер во Струмица, кога кралот на карневалот на своите поданици ќе им соопшти дека вековната традиција на струмичани може да почне, низ улиците на градот ќе потече река од маски. Дваесетина домашни карневалски групи и три од Србија и Грција ќе ги претстават своите маски и со настап пред жири комисијата на плоштадот ќе се натпреваруваат за парични награди во повеќе категории.
Синоќа во Хотелот „Сириус“ се одржа традиционалниот маскенбал на кој Андреј и Слободанка Туџарови се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал. Тие заедно со кралската свита вечер ќе ја предводат карневалската поворка по улиците на градот.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов заедно со сопругата Марија, на маскенбалот беа во маски на гроф и грофица. Според него, најважно е што по пауза од две години заради пандемијата продолжува вековната традиција во полн сјај.
-Со нашата маска, која ја избра сопругата, не испраќаме никаква порака, туку е во духот на карневалските празнувања, рече Костадинов.
Претседателот на Организацискиот одбор на карневалот, Александар Цицимов, смета дека и покрај намалениот број маски и учесници на карневалот, сепак тој го задржува својот сјај.
-Сметам дека идната година ќе можеме да организираме помасовен карневал, а денес се надевам дека времето ќе не послужи, бидејќи Господ е со карневалистите и ќе имаме прекрасно дефиле, рече Цицимов.
Пред почетокот на главниот карневалски настан – тргнувањето на карневалската поворка, градоначалникот на Струмица ќе организира прием за претставници од карневалските групи и гостите, меѓу кои се очекуваат и претставници на дипломатскиот кор во државата, владини претставници и гости од странство.
Празнувањата продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.