Градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето „Беса“ Биљал Касами го критикуваше одржувањето на прославата по повод 20 години од постоењето на ДУИ. Тој и порача на ДУИ наместо да троши пари за славење, како дел од извршната власт да најде начин да им помогне на тетовци кои се погодени од поплавите.

-Мислам дека со тој долг што ни го оставија и со сите овие проблеми најмалку имаат образ да дојдат во Тетово да слават. Наместо да трошат пари за вакви прослави, требаше да ги информираат граѓаните на Тетово како ќе им излезат во пресрет со оштета и покривање на штетата која беше направена во поплавите, изјави Касами, одговарајќи на новинарско прашање по одржувањето на состанокот на Кризниот штаб.

Тој сепак се надева дека ДУИ имаат време да ја сменат одлуката.

-Тие се посебна партија и самите одлучуваат за своите постапки. Останувам на тоа дека ќе се опаметат и парите што ги имаат определено за прославата, ќе ги пренаменат за оштета на се што им се случи на тетовчани, истакна Касами.