Трамп најави дека со новиот претседателски авион ќе патува на самитот на НАТО и на идните меѓународни посети
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска за првпат јавно го претстави новиот претседателски авион што ќе го користи за службени патувања, станува збор за поранешен катарски „Боинг 747“, кој е адаптиран за потребите на Белата куќа.
Авионот, кој Катар ѝ го отстапи на американската администрација минатата година, ќе служи како привремено решение додека не бидат испорачани новите претседателски авиони што САД ги нарачаа од „Боинг“, а чија испорака е планирана за 2028 година.
Неговото прифаќање предизвика реакции и отвори прашања околу законитоста на добивањето толку вреден подарок од странска држава. Трамп, пак, претходно изјави дека по завршувањето на неговиот мандат нема да го користи авионот и дека истиот ќе биде дониран на идната претседателска библиотека.
„Летачка Бела куќа на ниво на луксуз какво што никој досега не видел“
Новиот „Ер Форс Уан“ е обоен во темно сина боја со црвена лента, а на него се поставени претседателскиот печат и големо американско знаме.
Трамп го претстави авионот во воздухопловната база Ендрус, во близина на Вашингтон, пред неколку стотици припадници на американските воздухопловни сили.
„Авионот е претворен во летачка Бела куќа на ниво на луксуз какво што никој досега не видел“, рече Трамп по излегувањето од новиот авион.
Тој најави дека веќе следниот месец со него ќе отпатува на самитот на НАТО во Анкара, а потврди и дека планира нова посета на Кина.
„Сега кога слетуваме на аеродромите во Лондон и Германија и на разни места, нема подобар од овој авион, а тоа е она што треба да го имаме за нашата земја“, рече Трамп, додавајќи дека боите и дизајнот на леталото се по негов вкус.
Стариот „Ер Форс Уан“ заминува во историјата
Трамп откри дека враќањето од самитот на Групата 7 во Франција било неговото последно планирано патување со досегашниот претседателски авион.
Тој најави и дека новото летало ќе учествува во воздушниот дел од прославите по повод американскиот Ден на независноста на 4 јули.
Од американските воздухопловни сили соопштија дека авионот бил дополнително модифициран за да ги исполни строгите безбедносни стандарди што важат за претседателски транспорт.
Според нив, безбедноста имала апсолутен приоритет при адаптацијата на леталото, додека голем дел од внатрешниот распоред останал сличен на оној што го користеле претходните американски претседатели.
