На 16ти август стапуваат на сила новите мерки, според кои на невакцинираните граѓани ќе им биде ограничена слободата на движење со што надлежните очекуваат да се застане на патот на ширењето на коронавирусот.
Веќе на влезот на кафулињата редарите се должни да ви побараат сертификат за примена вакцина, доколку не го поседувате нема да ви дозволат да седнете на терасите.
Пазарниот инспекторат ќе биде задолжен за контролата на спроведување на мерките од страна на угостителскиот објект, каде што казните ќе се движат од 250 до 30.000 евра. Побаравме и појаснување на кој начин ќе се вршат контролите, но од ДПИ велат дека засега тоа ќе остане во тајност.
-Она што ние го контролираме како пазарен инспекторат е начинот на работењето на угостителскиот објект и начинот на спроведување на овие измени од протоколите како и досега. Меѓутоа начинот на кој што ние ќе ги вршиме останува сега за сега во тајност бидејќи имаме и ние некој начин на спроведување и вршење на контролите, вели Александра Котели од ДПИ.
Котели додава дека редарството не е непознат поим бидејќи се практикувало во текот на пандемијата.
-Се употребуваше овој поим, се употребуваа редарите и начинот на кој што ние ќе ги вршиме контролите ќе биде врз угостителите, како тие ги спроведуваат контролите.
Доколку пак гостите немаат сертификат, тие ќе бидат санкционирани согласно кривичниот законик за заштита на населението од заразни болести, но тоа според информациите ќе го спроведува полицијата бидејќи е во нивна надлежност, појаснува Котели.
Угостителите се жалат на низа нејаснотии во однос на новите рестриктивни мерки кои што очекуваат од надлежните да ги разјаснат.