Сегашната пруга ќе се исправи, ќе се гради и нова
Планот на ЈП Железници Инфраструктура е на релација север-југ да има две пруги. Сегашната ќе се задржи, но ќе се исправат кривини на одредени места за да се забрза сообраќајот, додека втората пруга ќе се гради колку што е можно поблизу до постојната, вели директорот Синиша Ивановски во интервју за Радио Слободна Европа.
„Нашиот план има две компоненти. Првата е да ја задржиме постојната пруга, но мораме да ја исправиме каде што има големи кривини. Големи брзини од преку 120 км и преку 160 км на час не може да се постигнат без исправање на кривините. Во моментов се вршат испитувања и тие студии ќе покажат колку од оваа траса ќе ја задржиме, каде ќе има простор кривините да се исправат.“
Втората компонента е изградба на нова пруга колку што е можно поблиску до сегашната траса.
„Околу 200 км пруга би биле двоколосечен сообраќај, но нема да бидат како автопатите, на пример еден да оди во правец на Србија, друг во правец на Грција. Крајната наша цел е да има двоколосечна пруга за патнички сообраќај до 200 км на час и товарен до 120 км на час, и секако да биде целосно електрифицирана.“
Ивановски објаснува дека моментално се вршат физибилити студии за оптималната траса на новата пруга и исправување на старата. Вредноста на проектот за целосна изградба, електрификација и сигнализација се проценува на околу 1,9 милијарди евра, со временска рамка од приближно пет години.
Железничката станица Скопје добива модерен лик
Покрај линиите, се работи и на реконструкција на железничката станица Скопје, која ќе комбинира архитектонски елементи од оригиналниот дизајн на Кензо Танге со современи детали.
„Инфраструктура Железница, заедно со Градежниот и Архитектонскиот факултет започнавме со проект за целосна реконструкција на железничката станица. Ќе се реконструира комплетно со нова електрика, комунална инфраструктура, машински дел, а надворешно ќе биде запазен првичниот изглед од Кензо Танге со имплементација на нови современи елементи. Овој проект треба да биде готов за година и половина до две.“
Ивановски истакна дека пред почетокот на големите градежни активности веќе започнала акција за отстранување на сите билборди, графити и постери кои ја нарушуваат естетиката на станицата.
„Потоа имаме голема акција да ги отстраниме сите графити, сите постери и да ја вратиме првичната боја на столбовите и да го запазиме првичниот изглед без овие графити и постери.“
