Премиерот Христијан Мицкоски вели дека од информациите што ги добил од трговците со нафта и нафтени деривати не треба да се очекува недостиг на дизел-гориво до крајот на годината, а она што тие му го пренеле во приватни разговори е дека не очекуваат проблеми во снабдувањето ниту за наредната година.

Сепак, вели премиерот, разговарале и со раководството на „Окта“ за можноста за нејзино рестартирање и прозводство на дизел-гориво од сурова нафта, особено поради тоа што рафинеријата сега преку продуктводот е поврзана со Солунското пристаниште. Ние како држава, нагласи, остануваме на политиката на најниски цени за горивата со цел заштита на стандардот на граѓаните.

– Од она што го имам како повратна информација од трговците, до крајот на годината ние не треба да стравуваме за каков било недостиг. Напротив, исто така, неофицијално во приватни разговори, од нив ни беше потврдено дека немаат проблеми и за следната година, односно ќе немаат проблеми ниту за следната година – рече Мицкоски на прес-конференција во Владата во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на договорот за нова инвестиција компанијата „Кромберг и Шуберт“.

​Потенцира дека во светот ова претставува епски предизвик, нешто за што, како што рече, зборува неколку месеци.

– Ние како држава остануваме на политиката на најниски цени за горивата, тука пред сè мислам на дизел-горивото и на безоловниот 95- и 98-октански. Сега веќе сме речиси од сите соседи поевтини за половина евро за литар. Тоа носи свои предизвици, носи свои стравувања, се разбира, но исто така цениме дека стандардот на граѓаните за нас е императив и наша цел е да го заштитиме онолку колку што можеме. Тоа го правиме и така ќе продолжиме да се однесуваме – потенцира Мицкоски во одговор на прашањето за предупредувањата на Меѓународната агенција за енергетига за можен недостиг на дизел-гориво во светски рамки.

Вели дека никој во светот не може да издржи повеќе од три месеци без дотур на нови количини, па и Македонија.

– Она што е важно е дека ние имавме состанок со најголемите трговци со нафтени деривати и горива, вклучително и со раководството на „Окта“. Дадовме задача да се преразгледа можноста да се рестартира производниот процес на рафинеријата „Окта“ имајќи предвид дека сега продуктоводот е во функција, односно рафинеријата е физички поврзана со Солунското пристаниште, така што во иднина може да се носи сурова нафта и во рафинеријата да се преработува и да се користи за дизел-гориво – вели премиерот.

​За жал, додаде тој, рафинеријата не е пуштена во погон од 2012 година.

– Таа е затворена, во моментот се прави детектажа и очекуваме многу бргу да добиеме информации од раководството на „Окта“ дали и за колку време рафинеријата евентуално би можела да биде ставена во функција – потенцира премиерот Мицкоски.