Трамп вели дека лично му порачал на Нетанјаху да биде внимателен

Американскиот претседател Доналд Трамп откри дека го предупредил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не отвора нов конфликт со Иран, порачувајќи му дека во таков случај Израел ризикува да ја загуби поддршката од Вашингтон.

Во интервју за порталот „Аксиос“, Трамп изјави дека директно разговарал со Нетанјаху и му укажал на можните последици од евентуална ескалација.

„Му реков: ‘Биби, подобро внимавај, инаку многу брзо ќе останеш сам’“, изјавил Трамп.

Тој истовремено ги отфрли критиките дека евентуална поддршка за конфликт со Иран би била спротивна на неговото изборно ветување дека нема да вовлекува нови војни.

Изјавите на Трамп доаѓаат во момент на зголемени тензии на Блискиот Исток. Само неколку часа подоцна, Израел и Иран разменија одмазднички напади, што повторно ги засили стравувањата од поширока регионална ескалација.