Предвидената егзекуција на Криста Пајк, осудена на смрт во американската сојузна држава Тенеси, може да се изврши, одлучи синоќа Врховниот суд на САД.

Врховниот суд ја укина одлуката на Апелацискиот суд со која претходно беше запрено погубувањето, со што се отвори патот за извршување на смртната казна врз Пајк.

Судиите Соња Сотомајор, Елена Каган и Кетанџи Браун Џексон се изјаснија против таквата одлука.

„Тенеси сега бара од тој суд да ја укине таа одлука и да дозволи Пајк да биде погубена денес. Зачудувачки, Судот се согласи“, напиша Сотомајор во издвоеното мислење.

„Бидејќи неговата одлука го отвора патот државата да ја погуби Пајк пред нејзините сè уште нерешени правни предизвици против пресудата да бидат соодветно разгледани, со сета почит не се согласувам“, додаде таа.

Апелацискиот суд претходно оцени дека е потребно повеќе време за да се разгледа дали траумата што Пајк тврди дека ја претрпела како дете била целосно земена предвид при изрекувањето на казната.

Пајк (50) беше осудена на смрт во 1996 година за убиство на 19-годишна познаничка. Во времето на убиството имала 18 години.

Во државата Тенеси последен пат жена била погубена пред повеќе од 200 години, поточно во 1819 година.

Смртната казна е озаконета во повеќе од дваесет американски сојузни држави, иако во многу од нив веќе не се спроведува во практика. Само два проценти од осудените на смрт се жени.

Според Информативниот центар за смртната казна, од 1976 година досега во САД се погубени 18 жени, што претставува околу еден процент од сите извршени смртни казни. Од почетокот на годинава до 24 септември во САД се погубени 28 осуденици.

Две третини од полнолетните Американци ја поддржуваат смртната казна за лица осудени за убиство, покажува неодамнешно репрезентативно истражување на Истражувачкиот центар „Пју“.

Истовремено, 59 проценти сметаат дека смртната казна не придонесува за одвраќање на луѓето од извршување тешки кривични дела.