Татко со години ја малтретирал семејството

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапки против двајца скопјани во одделни случаи на семејно насилство. Во потешкиот случај, 15-годишно девојче се обидело да си го одземе животот, поради, како што наведува Обвинителството, долгогодишното психичко и физичко малтретирање од нејзиниот татко.

Против 56-годишен маж е поведена постапка за кривично дело загрозување на сигурноста.

„Иако постојано манифестирал агресивно однесување, домашните од страв не го пријавувале, се додека 15-годишната ќерка, не можејќи да ги издржи заканите, навредите и притисокот од таткото, се обидела да си го одземе животот“, соопштија од државното Јавно обвинителство.

Сопругата скокнала од возило

Во вториот случај, постапка е поведена против 33-годишен скопјанец, осомничен дека физички ја нападнал сопругата.

„На 20 јуни, во возило ја влечел и се заканувал на жената, а во еден момент сакал да ја удри со стаклено шише. Оштетената во возење ја отворила вратата и скокнала од возилото, а осомничениот застанал и се обидел на сила пак да ја внесе внатре. На жената и нанел телесна повреда, што е казниво според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, информира ЈОРСМ.

Побарани мерки на претпазливост

Во двата предмети, обвинителството предложило мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување во суд, одземање на патните исправи и забрана за приближување и контакт со оштетените лица.