Осомничениот жител на Гостивар за тепање на својата сопруга, кој првично беше приведен и пренесен во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци, од синоќа се наоѓа во затворот во Шуто Оризари. Оваа информација официјално ја потврдуваат од Основниот суд Гостивар.

Од судот посочуваат дека е целосно прифатен предлогот на Јавното обвинителство и на 52-годишниот М.М. му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Осомничениот во текот на вчерашниот ден од болницата во Бардовци бил спроведен директно во судските простории. Таму тој дал своја изјава пред надлежните органи и во целост го негирал извршувањето на делото.

При пренесувањето во судот, осомничениот изгледал уредно. Кога од страна на судот му бил понуден бранител по службена должност, тој категорично го одбил тоа и побарал правна помош од адвокат по личен избор, по што во судот пристигнал адвокатот Љупчо Лазаревски.

Веднаш откако завршил со давањето на својот исказ пред судијата, М.М. бил транспортиран и сместен во истражниот затвор „Скопје“ лоциран во Шуто Оризари.

Од Основниот суд во Гостивар дополнително информираат дека осомничениот М.М. претходно имал крисилно досие и бил правосилно осудуван за кривично дело тешка кражба во текот на 2020 година.

Здравствената состојба на неговата 42-годишна сопруга, која се здоби со животнозагрозувачки повреди во насилството за кое тој се товари, останува исклучително загрижувачка. Таа има сериозно крварење на главата и се наоѓа на одделот за интензивна нега.

Повредената жена итно била примена во Ургентниот хируршки центар во Скопје со комбинирани тешки повреди на главата и на градниот кош. Медицинските прегледи констатирале дека има вкупно четири скршени ребра, од седмото до десеттото, делумен пневмоторакс, мал излив на течност во градниот кош и насобрана крв под тврдата мозочна обвивка.

Од Министерството за внатрешни работи претходно информираа дека инцидентот бил пријавен во петокот, кога 52-годишниот М.М. физички ја нападнал својата сопруга. При полициската интервенција за негово лишување од слобода, тој давал активен отпор и физички нападнал полициски службеници, при што еден полицаец се здобил со телесни повреди, по што напаѓачот првично беше спроведен во психијатриската установа во Бардовци.

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе официјална истрага против 52-годишниот маж поради основано сомневање за обид за убиство на сопругата при семејно насилство во гостиварското село Топлица. Поради тежината на делото, опасноста од евентуално бегство, ризикот од влијание врз сведоци и опасноста да го доврши кривичното дело, обвинителот побара, а судот одреди мерка притвор.