Меѓународната воена мисија во Косово – КФОР побара од косовската Влада, како и од српските субјекти во земјата да избегнат секакво дејствие кое може да води кон ескалација на состојбите по одлуката на Приштина да спроведува санкции за тие што нема да ги променат српските со косовски регистерски таблички, јави дописникот на МИА од Приштина.
Апелот на КФОР уследи по синоќешната средба на командантот на мисијата, генерал Анџело Микеле Ристуќа со косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, откако вчера во Брисел косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, на состанокот со посредство на ЕУ, не постигнаа договор за решавање на кризата во врска со регистерските таблички.
„Командантот (Ристуќа) ги повика сите страни да избегнат секакво дејствие кое може да води кон ескалација на состојбите. Тој апелира до страните да дејствуваат одговорно и активно да учествуваат во зачувувањето на безбедноста. Битно е да се избегне секаква нова ескалација, по онаа во август“, се вели во соопштението на КФОР.
Мисијата предводена од НАТО порача дека продолжува будно да ја следи состојбата и да го спроведува својот мандат.
„Генерал-мајорот Ристуќа останува во близок контакт со сите главни соговорници, вклучително командантот на мисијата на ЕУЛЕКС, претставниците на косовските институции и шефот на вооружените сили на Србија. КФОР останува буден и продолжува да го спроведува својот мандат кој произлегува од ОН, со сите расположиви средства, за безбедно окружување и слободно движење на сите луѓе во Косово, според Резолуцијата на СБ на ООН 1244 од 1999 година“, се вели во соопштението.
Косовската полиција синоќа соопшти дека од денеска во 8 часот наутро ќе започне со изрекување на парични казни за оние кои не ги смениле регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.
Подоцна, на барање на амбасадорот на САД во Приштина, Џеф Ховениер, косовскиот премиер, Албин Курти објави дека го одлага за 48 часа почетокот на спроведувањето на најавените санкции.
Претставници на косовските Срби, откако ги повикаа сонародниците да ги напуштат косовските институции, најавија „жесток одговор“ доколку Приштина почне да изрекува парични казни