Две згради во непосредна близина на објектот што се урна по силната експлозија во атинската населба Плака имаат нарушувања на носечката конструкција. Официјалниот извештај од извршените контроли се очекува да биде завршен во текот на неделата.

Ова го соопшти заменик-градоначалникот на Атина задолжен за технички услуги, општински имот и дигитално управување, Парис Харлавтис, по проверките на објектите во околината на целосно урнатата двокатница, јави дописничката на МИА од Атина.

Харлавтис посочи дека надлежните служби веќе ги имаат првичните сознанија и заклучоци за состојбата на соседните згради.

„Во петокот беше извршен првиот увид од страна на екипата на урбанистичката служба. Денеска направивме и втор увид. Ги имаме првите индикации, првите заклучоци, па се надеваме дека во текот на неделата ќе го завршиме и извештајот од увидот. Постои одредена нарушеност на носечката конструкција на двете соседни згради“, посочи заменик-градоначалникот.

Кај другите објекти во поширокото подрачје биле регистрирани оштетувања од секундарен карактер. Грчките власти продолжуваат со проверките на стабилноста на зградите, а дел од соседните објекти засега се оценети како небезбедни за користење. ЕРТ

Како можна причина за експлозијата се разгледува истекување природен гас, но истрагата сè уште не е завршена и нема официјална потврда. На новинарско прашање за гасоводната мрежа и можната причина за истекувањето, Харлавтис упати на надлежните органи што ја водат прелиминарната истрага.

„За овие прашања добро е да зборуваат експертите, односно и противпожарната служба, која го врши увидот, како и компанијата што го извршила приклучувањето на гасот. Пред зградата има и ископ, бидејќи истрагата продолжува, па затоа најдобро е да им препуштиме на експертите“, нагласи Харлавтис.

Експлозијата се случи во петокот, кусо пред 8 часот наутро, по што двокатната зграда целосно се урна. Телата на шесте жртви биле пронајдени под урнатините по повеќе од 15 часа потрага.

Операцијата за извлекување на телата заврши во саботата попладне. Во неа учествувале пожарникари, спасувачки екипи и специјално обучени кучиња. ЕРТ

Меѓу загинатите се тројца американски државјани со албанско потекло и уште еден државјанин на САД. Тие биле на одмор во Атина и престојувале во објектот што се изнајмувал преку „Ер-Би-Ен-Би“.

Во експлозијата загинала и повозрасна брачна двојка – 77-годишна Гркинка и нејзиниот 78-годишен сопруг, британски државјанин.

Во Службата за судска медицина во Атина е во тек постапката за официјална идентификација на телата на загинатите. Надлежните органи паралелно продолжуваат да ги истражуваат точните причини за експлозијата и состојбата на гасната инсталација во урнатата зграда.