Посмртните останки на цар Самуил на 3 октомври официјално ќе ѝ бидат предадени на Бугарија на церемонија во Музејот на византиската култура во Солун, откако Бугарија и Грција постигнале договор за нивно враќање, објави „Новините“.

Ова го соопшти бугарскиот премиер Румен Радев, кој најави дека Советот на министри ќе го одобри договорот и ќе го овласти министерот за култура да го потпише со својот грчки колега. Според него, договорот предвидува и реципрочен трансфер за складирање на историски, религиозни и културни артефакти и реликвии.

Радев рече дека барањето на Бугарија за враќање на останките трае од 1965 година, кога грчкиот археолог Николаос Муцопулос ги открил во базиликата „Свети Ахил“ на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро. Останките денес се чуваат во Музејот на византиската култура во Солун.

На церемонијата во Солун, освен останките што му се припишуваат на цар Самуил, треба да бидат предадени и останки од уште два саркофага пронајдени во истата базилика, за кои се смета дека му припаѓаат на царот Гаврил Радомир и на други членови на династијата. Археолошките податоци од бугарскиот Национален институт за археологија ги поврзуваат четирите гробници во базиликата со династијата на Самуил.

По транспортот во Софија, останките на цар Самуил треба да бидат погребани во посебен саркофаг во црквата „Света Софија“.

Радев ги повика граѓаните на 3 октомври да присуствуваат на церемонијата во Софија и да му оддадат почит на владетелот, по што останките ќе бидат испратени кон црквата „Света Софија“.