Загрозено здравјето на стотици жители – бараат итна интервенција од институциите
Кичево пред еколошка катастрофа. Вака граѓаните ја опишуваат состојбата во која живеат. Опкружени со неподнослива реа, чад и закани по здравјето. Дивата депонија, која се наоѓа среде градот, веќе неколку години претставува извор на загадување и страв од зарази.
Растечки отпад и чести пожари: „Сме сведоци на труење на сопствениот град“
Граѓаните алармираат дека ѓубрето се трупа во сè поголеми количини, а депонијата зачестено гори.
„Не знам дали намерно или не, но пред осум месеци имаше огромен пожар – градот беше под чад три дена“, изјавува Бојан Мишкоски, граѓански активист.
Тој вели дека и покрај ветувањата, ништо не е преземено: „Не гледаме никакво решение. Секојдневно се труеме, а никој не реагира“.
Страв од зарази и зголемени заболувања – ултиматум до градоначалникот
Кичевчани велат дека глодарите и ширењето болести стануваат сè поголем ризик.
„На хематологија ми кажаа дека од Кичево има над 700 пациенти поради загадувањето од депонијата и од Осломеј“, вели жител.
Соочени со оваа состојба, граѓаните испратија ултиматум до градоначалникот Фатмир Дехари – или дислокација на депонијата, или граѓански отпор.
Апел до институциите и закана со радикални мерки
Жителите бараат итно расчистување на локацијата, дезинфекција и изградба на современа еколошка депонија.
„Сите дишеме ист воздух. Ако не се реагира, ќе преземеме радикални мерки – без партиска или друга позадина“, порачуваат тие.
Одговорот на локалната власт
Градоначалникот Фатмир Дехари вели дека се обидуваат да управуваат со отпадот, но немаат каде да го транспортираат. Решението го гледаат во изградбата на регионалната депонија во Новаци.
Сепак, граѓаните немаат трпение: „Ова е борба за опстанок, не за политика“, велат тие.
Извор: Алфа ТВ