Украина денеска објави дека руските сили напредувале за време на жестоките борби во Бахмут.

Меѓутоа, официјален Киев тврди дека ситуацијата во градот на истокот на Украина е „под контрола“, пренесе Ројтерс.

Хана Маљар, заменик-министерката за одбрана на Украина го изјави ова непосредно пред руското Министерство за одбрана да објави дека нивните напаѓачки трупи се борат во западните делови на Бахмут, последниот дел од градот што го држат украинските сили, објави Ројтерс.

„Ситуацијата е напната, но е под контрола“, изјави Маљар преку Телеграм.

Генералштабот на вооружените сили на Украина утрово соопшти дека руските сили ја нападнале Украина со 10 беспилотни летала Шахед-136, од кои осум биле уништени од украинските сили за воздушна одбрана.

Според досегашните информации ова е прв напад на Киев по 25 дена.

Во нападот нема повредени ниту е причинета материјална штета.