ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата на СДСМ во врска со продажбата на над 95 проценти од акциите на Алта банка, оценувајќи дека станува збор за политички манипулации со кои се создава непотребна недоверба и паника кај граѓаните.

Од партијата посочуваат дека продажбата се реализира преку Македонската берза, со јавно објавена постапка, утврдени правила и однапред познати термини за аукциите. Првата аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција.

„Сите информации се јавно достапни и секој заинтересиран граѓанин може да ги провери. Затоа, обидите на СДС оваа постапка да ја претстави како тајна зделка се обични политички манипулации“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека СДСМ и лидерот Венко Филипче шират неосновани обвинувања и ја драматизираат ситуацијата, оценувајќи дека станува збор за веќе познат модел на политичко дејствување.

ВМРО-ДПМНЕ порачува дека нема да дозволи, како што велат, неодговорни политички конструкции да ја нарушат довербата во финансискиот систем.

„Стабилноста на банкарскиот сектор и сигурноста на граѓаните се приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволи, како во времето на СДС, банки да пропаѓаат и граѓаните да ги изгубат своите средства“, се наведува во соопштението.

Од партијата додаваат дека граѓаните заслужуваат вистина, транспарентност и одговорна политика, наместо обиди, како што оценуваат, од непостоечки случаи да се создаваат политички скандали.