Кина започна воени вежби во Источното Кинеско Море во близина на Тајван, кои вклучуваат вежби за гаѓање од воени бродови, додека САД и нивните сојузници спроведуваат вежби во западниот дел на Пацификот, пренесува Ројтерс.

Кина редовно спроведува вежби долж својот брег, иако оние во близина на Тајван често привлекуваат најголемо внимание, наведува британската агенција.

Кинеската управа за поморска безбедност денеска издаде предупредување за забрана на пловидба во близина на градот Тајџоу во провинцијата Жеџијанг поради вежби за гаѓање на воени бродови.

Вежбите се во близина на островот Дачен, кој Тајван го контролираше до 1955 година, а Кина до среда ќе спроведе посебни маневри во друг дел од Источното Кинеско Море, соопшти Управата за поморска безбедност.

Редовни кинески вежби

Кинеските вежби во Источното Кинеско Море се совпаѓаат со поморската вежба во Филипинското Море која започна во петокот во која учествуваат САД, Јапонија, Канада и Франција.

Тие вклучуваат две ударни групи предводени од носачите на авиони УСС Нимиц и УСС Роналд Реган, кои работат заедно за прв пат од јуни 2020 година, се вели во соопштението на Седмата флота на САД.

Неколку дена пред вежбата „патрола“, крајбрежната стража на Филипините, САД и Јапонија ја изведоа првата трилатерална вежба во близина на брегот на една западна провинција на Филипините.