Сун раководи со една од најголемите приватни земјоделски компании во северната провинција Хебеј, пренесува Би -Би -Си.

Тој претходно отворено зборуваше за човековите права и политички чувствителни теми.

Беше прогласен за виновен за „провокативен говор и предизвикување проблеми“, обвинение често користено против активисти.

Другите обвиненија против него вклучуваат нелегално поседување земја, собирање маси за напад врз државните агенции и попречување на владините работници да ги извршуваат своите должности.

Исто така, тој е казнет со 478.697 долари.

Компанијата на Сун е една од најголемите во Кина и се занимава со широк спектар на активности, од производство на месо и храна за домашни миленици, до снабдување со храна во училиштата и болниците.

Тој беше приведен минатата година, заедно со уште 20 други роднини и соработници, поради спор со фарма во сопственост на владата.

Во тоа време, според него, десетици негови вработени биле повредени во инцидентот со полицијата, пренесува „Франс прес“.

Сун е близу до некои од истакнатите политички неистомисленици во Кина и ја критикуваше руралната политика на владата во минатото.

Тој беше еден од неколкуте луѓе кои отворено ја обвинија владата дека ја прикрива епидемијата на африкански свински грип, која ги погоди неговите фарми во 2019 година, а подоцна го уништи поголемиот дел од месната индустрија во земјата.

Беше осуден и на затворска казна во 2003 година, за „незаконско финансирање“, но тоа беше отфрлено по голема поддршка од активистите и јавноста.

Сун негираше многу обвинувања против него во предистражната постапка, опишувајќи се како „истакнат член на Комунистичката партија“.

Сепак, тој исто така призна дека направил грешки, вклучително и објавување пораки на Интернет.

– Начинот на кој се води истрагата против мене прави да страдаат луѓето блиски до мене, а оние што ме мразат се радуваат. Сакам да ги прифатам обвинувањата против себе, дури и ако се сериозни, во замена за ослободување на другите. Ние сме луѓе кои придонесовме за општеството, рече Сун.

Кина води кампања против компании и претприемачи во земјата. Големите технолошки компании, вклучувајќи ги Алибаба, Диди и Тенсент, се под истрага за цела низа регулаторни прашања.