Мицкоски најави континуитет во реформите и предупреди да не дозволиме враќање на старите структури што ја ограбуваа Македонија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се обрати на митингот во општина Сарај, во рамки на изборната кампања со слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“. Тој порача да не дозволиме враќање на оние што ја распродадоа Македонија. Според сите анкети, јавното мислење и перцепцијата на граѓаните, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе бидат убедливи победници на овие локални избори.
„Затоа што ценам дека на тој начин ќе имаме континуитет во реформите, на тој начин ќе имаме континуитет во испораката и мислам дека на тој начин ќе продолжиме заедно да чекориме. Да не дозволиме да се вратат сите оние структури коишто седум години ја уништуваа, ја ограбуваа Македонија и ја распродаваа Македонија“, порача Мицкоски пред присутните граѓани.
Мицкоски ја критикува ДУИ и ја предупредува на нивната кампања насочена кон него
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на партијата ДУИ, која како што рече, во текот на својата кампања постојано го споменувала и извикувала неговото име.
„Немаше митинг најмалку по 15 до 20 пати да спомнат моето име. Сакав едно време да им се јавам да им кажам „аман луѓе дајте кажете што ќе правите четири години. Дај оставете или зборувате за Кристијан или како ќе се вратите на власт, или правите етнички поделби“. Тоа беше целата кампања на ДУИ“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше и дека по убедливата победа на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ би можела да освои мнозинство во парламентот, потенцијално и 61 пратеник.
„Замислете да има предвремени парламентарни избори и замислете на тие предвремени парламентарни избори, еве ДУИ да има добар резултат, бидејќи од другава страна се знае дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, после големата победа на локалните избори, на парламентарни евентуални избори би освоила огромно мнозинство гласови, можеби 61 пратеник. Со кого ќе прават коалиција, како ќе ја гласаат мојата Влада?“, порача Мицкоски, додавајќи дека личниот интерес не смее да биде над јавниот.