Уставниот суд е пред историска одлука дали да го укине предимството за наплата на Фондот за обесштетување во случај на стечај на банка, дознава „Слободен печат“.

Но, само пред еден месец, односно на 24 февруари, Уставниот суд информираше дека не е поведена постапка по иницијативата, бидејќи со оваа законска одредба не се повредува Уставот.

Извори што инсистираат на анонимност поради чувствителноста на материјата, за „Слободен печат“ објаснуваат дека и самото повторно заседание на Уставниот суд за истата тема, претставува еден вид преседан, поради фактот дека судиите решија повторно да отворат дискусија за иницијатива по која претходно беше одлучувано. Тие не ја исклучуваат можноста овој пат да се укине членот 163 од Законот за банки,

– Преовлада мислењето дека спорниот член од Законот за банки кој го регулира предимството на Фондот за обесштетување е дискриминаторски и ги доведува штедачите во нерамноправна положба, иако немаат никаква вина за пропаста на Еуростандард. Со сегашното законско решение, се повредуваат две од трите „златни“ заповеди, кои датираат уште од Римското право – а најважно е што се повредува правото на сопственост. Мора да има одговорност, а извршната и законодавната власт треба да најдат начин линеарно да ги обесштетат овие 3.000 семејства. Не смее некој да биде обесштетен стопроцентно, а некој да добие „0“ – објаснуваат извори на Слободен Печат.

Претходно од Здружението на оштетени штедачи од „Еуростандард банка“ информираа дека Уставниот суд повторно заседавал за поднесената иницијатива за разгледување на уставноста и законитоста на Член 163 став 3 од Законот за банките. Расправата била од отворен карактер и на неа присуствувале и членови на Здружението.

– На претходното заседавање, од вкупно девет судии, четири гласаа за укинување на спорниот член од Законот за банки. На повтореното заседавање еден од петте судии го смени својот претходен став во врска со иницијативата и практично ја најави пресвртницата за решавање на оваа неправда врз штедачите, поради новите сознанија за фактичката состојба, посочија од Здружението на оштетени штедачи.

Од Здружението се надеваат дека, како што велат, ќе биде донесена правична одлука со која конечно ќе се стави крај на агонијата на над 3.000 семејства.

– Фондот за обесштетување кој е државен и создаден од премии што се плаќаат токму од средствата од депозити на физичките и правни лица, во сега веќе почнатата стечајна постапка на Еуростандард банка, има предност во наплатата на побарувањата пред сите останати побарувања на физичките и правни лица. Ова е единствен, уникатен пример на неуставност и незаконитост во цела Европа и пошироко, да со законска одредба од Законот за банки се врши нееднаквост, дискриминација и директно ограбување на оние што ги доделиле своите лични средства во банка или ги користеле нејзините услуги, велат од Здружението.

Поминаа повеќе од 7 месеци од затворањето на Еуростандард банка. Обесштетени беа штедачите со влогови до 30.000 евра, но околу 3.000 семејства и многубројни фирми останаа без своите пари и чекаат обесштетување по завршување на стечајната постапка.

За две децении во земјава пропаднаа пет банки: Алмако, Експорт импорт, Радобанка, Македонска банка и Еуростандард банка. Заедно со нив се изгубени и повеќе од 100 милиони евра.