Eвропратеникот и копретседател на партијата АЛДЕ Илхан Ќучук денеска од конференцијата што ја организира ЛДП пред партискиот конгрес, порача дека за либералите е најважно проширувањето на ЕУ да продолжи зашто тоа може да придонесе за трансформација на општествата и економиите во земјите како Северна Македонија.
Тој истакна и дека Северна Македонија бележи стабилност кога се работи за внатрешните реформи, а реформите, напомена, не се само за доброто на политичарите, туку се за добро на целата земја, но посебно за идните генерации.
-Мило ми е што Северна Македонија бележи стабилност кога се работи за внатрешните реформи зашто тие се толку многу потребни за успех на земјата. Реформите не се само за доброто на политичарите, туку се доброто на целата земја, но најмногу за идните генерации. Европа се менува, се надеваме на подобро, и прави свои реформи. За нас либералите е најважно проширувањето да продолжи зашто навистина сметаме дека тоа може да придонесе за земјите како Северна Македонија да ги трансформираат своите општества и економии, но исто така и да бидат дел од поголемото семејство, истакна Ќучук во обраќањето.
Тој потсети на низата критики за ЕУ од, како што рече, голем број луѓе чии очекувања не беа исполнети. Ги спомна ветата за Северна Македонија и Албанија, како и визниот режим за Косово, но, сега, потенцира, постои нова реалност.
-Сега имаме нова ралност во која можеме да одиме заедно, да го забрзаме процесот на проширување, подвлече Eвропратеникот и копретседател на партијата АЛДЕ.
Пред Ќучук се обрати претседателот на ЛДП Горан Милевски кој апелира дека е неопходно земјава да ги надмине домашните кочници и стравови за што поскоро да ги почне преговорите со ЕУ.
На првиот панел „Одржување на новиот импулс во проширувањето на ЕУ“ зборуваат претседателот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа и поранешен министер за одбрана на Словенија Роман Јакиќ, поранешна пратеничка на Комисијата за европски прашања,потпретседателка на ЛДП Јулиана Николова, пратеничката од Косово Елиза Хоџа и членка на Комитетот за образование, наука, култура, млади и спорт и Анастасиос Несторас од Грција, извршен директор на ЕЛФ.
На конференцијата има претставници и од раководството од Наша Странка од Босна и Херцеговина, ЛПЦГ од Црна Гора, ПСГ од Србија.
Во вториот панел на АЛДЕ „Иднината на европската интеграција – што, кога, како?“ ќе говорат европратеникот и копретседател на партијата АЛДЕ Илхан Ќучук, пратеничката и членка на Комисијата за надворешни работи во Франција Лилијана Танги, пратеникот Јулијан Булаи од Романија, претседател на ALDE-PSSE а ќе ја затвори пратеничката и членка на Комисијата за прашања на ЕУ, како и потпретседателка на ЛДП Моника Зајкова.
Настанот е во организација на ЛДП со поддршка на ЕЛФ и АЛДЕ.