Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното гостување на Сител ТВ изјави дека партијата ги поздравува чекорите најавени во Бундестагот, но како што кажа не биле доволни опозицијата да ги прифати уставните измени.
Ги поздравуваме чекорите на Бундестагот, за други немаме информација. Сметаме дека тоа е еден чекор во вистинска насока, меѓутоа не е доволен. Бундестагот не беше проблемот кој предизвика вето на Македонија, тоа беше Бугарија. И дури не се добие доволно уверување дека на понатамошниот пат кон ЕУ нема да бидеме соочени со нови уцени, пречки на непринципијална основа, како што Бугарија покажа дека може да направи, ние не сме спремни да одиме понатаму со уставните измени, изјави Клековски.
Инаку, резолуцијата за Македонија која според најавите Германија ќе ја усвои в четврток е само почеток на контингентот држави кои ќе донесат такви документи за потврда на идентитетските атрибути. Шефот на дипломатијата вели дека активностите на МНР за вакви декларации се почнати уште по усвојувањето на Преговарачката рамка, а конечниот резултат почнува од Бундестагот. Владини извори веќе најавија дека се очекува резолуција и од една држава која е поголема од Германија, а не е членка на ЕУ.
Ова е само почетокот. Не можам во оваа фаза да ги најавам и другите. Сепак е покоректно да бидат најавени од самите земји, меѓутоа, ова е само почеток на една верига такви резолуции кои ќе биде само потврдено тоа што е во преговарачката рамка во смисла на идентитетските атрибути, јазик итн., рече шефот на дипломатијата, Бујар Османи.