Речиси сите регистрирани случаи на западнонилска треска годинава се од Скопскиот регион и Велес, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Тој информираше дека се извршени вонредни прскања против комарци околу домовите на пациентите, а проверено е и дали општините ги спровеле планираните редовни прскања.

„Минатата година скоро сите случаи беа во Јужна Македонија, сега скоро сите случаи се во Скопскиот регион заедно со Велес. Епидемиолошки властите постапија како што е соодветно. Направени се вонредни прскања на 200 метри околу живеалиштата на регистрираните пациенти, во Драчево каде што има пет потврдени случаи направено е прскање од земја, кое е поефективно отколку авионското прскање“, рече Клековски.

Според него, била извршена контрола во Скопје и во другите општини, при што било утврдено дека најголем дел од нив го почитувале предвидениот распоред за прскање против комарци. Тој ги повика граѓаните да применуваат лична заштита и да не оставаат застојана вода во дворовите и градините.

„Сега останува на нас да примениме лична заштита и да се потрудиме да нема застојана вода по дворови, по бавчи итн“, рече Клековски.

Министерот посочи дека западнонилската треска со години е присутна во земјава, а најголем број случаи биле регистрирани во 2019 година. Поради минатогодишните случаи, како тогашен директор на Фондот за здравствено осигурување, обезбедил средства за тестирање на даруваната крв во Институтот за трансфузиологија.

„Инаку од човек на човек болеста не се пренесува, не се пренесува ни ако комарецот касне заразен човек, домаќин на друг. Домаќин на вирусот се диви птици и тие се заедно со комарците единствен начин на пренос“, објасни Клековски.

Тој додаде дека порано голем дел од случаите биле поврзани со престој во Грција, додека годинава најмногу заболени има во регионот на Атика. Според него, болеста повеќе не е ограничена само на Медитеранот, бидејќи минатата година случаи биле регистрирани и во Романија и Хрватска.

Клековски предупреди дека граѓаните кои се враќаат од тропски дестинации и имаат треска или покачена температура веднаш треба да се јават на лекар. Во земјава, како што рече, по две години без маларија сега се регистрирани четири случаи, како и три случаи на денга и еден случај на зика.

„Не треба да се опуштаме кога патуваме, посебно во зоната на Индискиот океан – Занзибар, Малдиви…“, додаде министерот.