– Се согласуваме дека сме на почеток на нова ера и оти нашата соработка е апсолутно „клучна“, рече францускиот претседател на средбата со Камала Харис, која во вторникот пристигна во петдневна посета на Париз.

Нејзината посета треба да овозможи довршување на помирувањето меѓу двете земји најавено од средбата на Емануел Макрон и Џо Бајден на маргините на Г20 во Рим на 29 октомври.

– Пред некој ден имавме плодна средба во Рим со претседателот Бајден кој го покажа патот за следните недели, месеци и години, рече Макрон на почетокот на разговорите со Харис. „Французите се многу горди што дојдовте“, додаде тој.

Харис и Макрон разговараа за безбедноста, пандемијата, климата и вселената.

– Кога Франција и САД работеа заедно во минатото, тоа секогаш беше крунисано со успех, благодарение на нашите заеднички вредности и приоритети, рече таа, додавајќи дека двете земји имаат заедничка желба да бидат светски лидери и „да им помогнат на другите народи во овие трагични времиња на пандемија.

Во средината на септември, САД и Австралија му зададоа тежок удар на Париз со формирање на одбранбен сојуз во Пацификот.

Тоа партнерство, наречено АУКУС, ја налути Франција затоа што пропадна договорот вреден повеќе милијарди долари за купување француски подморници од страна на Австралија. Франција го сфати тоа како предавство.

Тоа беше најсериозната дипломатска криза меѓу историските сојузници по француското „не“ за војната во Ирак во 2003 година.

Пред Камала Харис, државниот секретар Антони Блинкен и советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го посетија Париз за да го смират гневот на Франција пред средбата Бајден-Макрон во Рим пред десет дена.