На денешниот онлајн разговор на тема „Имунизација во државава“ таа посочи дека во нашата држава се вакцинирани околу 48 отсто од полнолетните граѓани, што е оптимален процент во сите држави во регионот, но е далеку од она што треба да биде.

– Во овој есенски бран ги гледаме бројките и во околината и пошироко, кои се далеку од добри. Има најава за сериозен пик и тука е нашата интенција, на некој начин да го зголемиме опфатот на вакцинирани, вели професорката Грозданова, која додава дека процентот на оние кои самоиницијативно се решаваат за вакцинација се движи околу 50 отсто, а потоа се применуваат мерки за да се стимулира имунизацијата.

– Би била најсреќна кога свеста кај луѓето се поттикнува индивидуално, но тоа не е случај. И овие мерки кои сега се предлагаат, се носат и во други држави. Се надевам дeка тоа ќе биде прифатено на позитивен начин. И можеби ни е потребна подобра информативна кампања, малку поголема отвореност, дискусија и да видиме зошто граѓаните не сакаат да се вакцинираат, вели Грозданова.

Таа потенцира дека досега во светот се дадени 7,7 милијарди дози на ковид-вакцини, 53 проценти од светската популација е вакцинирана.

– Сега прашањата се околу безбедноста на вакцините и нивната ефикасност, дали е потребна трета доза. На овие прашања треба да одговориме. Свесни сме дека медиумскиот простор, особено социјалните мрежи, дозволија да се шират голем број на дезинформации. Кога се говори за здравје, тие дезинформации делуваат и на друго лице. Огромен број на индивидуални ставови, кои не се поддржани со ниту една референца, ниту со релевантна институција, а тие ставови се шират. И како што велат, неколку пати кажана невистина, станува вистина, посочува Грозданова, која напоменува дека тој проблем со дезинформации е на светско ниво.

Особено, за неа е опасно, кога такви невистини шират медицински лица.

– Како здравствен работник, ова ми е болна тема. Овој четврток ќе биде 30-иот семинар за здравствени работници, за едукација за вакцините. Ако здравствените работници се промотори на невакцинирањето, ако не веруваат во науката и медицината, тогаш не би требало да бидат дел од здравството, смета Грозданова.

Таа потенцира дека за здравствените работници не би требало да се дискутира дали се вакцинирани или не, тие треба сите да се имунизирани. Кај нас тој процент на вакцинирани здравствени работници е околу 75.

Директорката на Комитетот за имунизација нагласи дека сите вакцините се безбедни, но кинеските се покажале помалку ефикасни кон делата сојот од мРНА вакцините, особено кон делата сојот, па затоа за засилувачка доза се препорачува „Фајзер“. Во однос на несаканите ефекти, досега кај нас не бил пријавен случај некој да биде доведен во живото загрозувачка состојба од вакцина. Грозданова напомена дека експертите излегуваат со препораки во однос на вакцините. Па така, за вакцината на „Фајзер“ кај помлади мажи, под 35 години, се појавило воспаление на срце.

– Но, од она што го гледаме станува збор за минлива состојба, далеку од живото загрозувачка. Истото тоа го имавме и со „Астра Зенека“. Имаше препораки таа да не се дава на помладата популација. Но, потоа се виде дека оваа вакцина е високо безбедна и за помладата популација, објаснува професорката, која посочи дека досега имало разни препораки за разни вакцини, но сега имаме доволно искуство за да се види која вакцина како реагира.

Таа посочи дека најкомпетентни за одговор за несакани дејствија од вакцините се од МАЛМЕД. Но, доколку имало некој случај на некој да му биде загрозен животот поради вакцина, тогаш од МАЛМЕД сигурно би го информирал Комитетот за имунизација, а такво нешто досега нема.

За оние кои треба да патуваат во држави во кои не се признаени некои вакцини, како „Спутник В“, Грозданова вели дека тој проблем би требало да се реши со примање на трета, „бустер“ доза од вакцината „Фајзер“.

Професорката Грозданова меѓу другото посочи дека кај луѓето ковидот делува различно и поради тоа е потребен индивидуален пристап кон лекувањето на пациентите.