Американскиот Стејт Департмент денеска го прогласи поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев за непожелна личност во САД поради, како што се вели во соопштението, негово учество во значителна корупција, пренесува СДК.
Од Стејт Департментот велат дека како вицепремиер Анѓушев ја злоупотребил својата позиција за корист на своите приватни бизнис интереси, поткопувајќи ја довербата на македонската јавност во владините институции. Анѓушев беше вицепремиер за економски прашања од 1 јуни 2017 до 3 јануари 2020, во владата на Зоран Заев.
„Денешниот потег демонстрира дека САД стојат покрај оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението.
Стејт Департментот, исто така, им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.
На црната листа на САД, поради корупција, од претходно се Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.