Повеќе имиња за нов гувернер на Народната банка
Оваа недела се очекува Македонија да добие нов гувернер на Народната банка. Седумгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај. Според неофицијални информации до кои дојде Плусинфо, нејзините шанси да ја задржи сегашната позиција се мали.
Но, тоа ќе се знае откако денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе достави предлог до Собранието за нов прв човек на централната банка. За нејзиниот предлог најверојатно парламентот ќе расправа утре.
Кој има најголеми шанси?
Најсериозни кандидати за нов гувернер според медиумот Плусинфо се поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески. Според нив помали се шансите на Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка.
Претседателката Сиљановска Давкова досега беше воздржана и не лицитираше со имиња.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, претходно изјави дека за гувернерската позиција се во игра вонсериски искусни кандидати. Тој е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност.
Останати медиуми пак, во игра го ставаат и професорот од економскиот факулетет Борче Треновски.
Фиксен курс на денарот
Еден од условите за поддршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и од Владата, според Мицкоски, е стриктна одбрана на фиксниот курс на денарот.
Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваа Димитар Богов (2011-2018), Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).
Ќе видиме кој ќе преземе оваа функција и ќе биде на чело на Народната банка во идните седум години.