Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска оствари работна посета на НУ Музеј – Куманово и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“. За време на посетата, тој се сретна со директорите на овие две национални установи со цел поблиску да се запознае со нивната работа, тековните активности и клучните приоритети.

При посетата на Центарот за култура, министерот изврши детален увид во градежните работи за реновирање на театарот и директно се информираше за нивниот тек на терен.

На работните средби се разговараше за реализацијата на предвидените културни програми, постојните просторни и технички капацитети, како и за предизвиците со кои установите се соочуваат при секојдневното извршување на своите надлежности.

Посебно внимание на разговорите беше посветено на конкретните потреби за подобрување на условите за работа и отворањето нови можности за натамошен развој на нивната дејност.

Министерот Сулејмани истакна дека непосредната комуникација со директорите и вработените во установите е од суштинска важност за точно утврдување на реалните потреби и приоритетите за идна институционална поддршка.

Тој истовремено нагласи дека културните институции имаат исклучително значајна улога во зачувувањето на културното наследство, поттикнувањето на творештвото и приближувањето на културата до сите граѓани.

Во таа насока, министерот ја потврди силната посветеност на Министерството за култура и туризам на зајакнувањето на институционалните капацитети и создавањето услови за поквалитетна, поразновидна и подостапна културна понуда за целата јавност.

Оваа работна посета на Куманово претставува дел од континуираните заложби на ресорното министерство за следење на состојбите и приоритетите во културните институции, како и за јакнење на меѓусебната соработка за севкупно унапредување на културниот живот во државата.